ЕУ нема да ги повлече санкциите воведени кон Русија поради нејзината агресија врз Украина, доколку Москва и Киев потпишат мировен договор под руски услови, нагласи германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Дел од новата реалност е дека и ЕУ се консолидираше. Таа реагираше прилично едногласно на руската агресија и воведе досега невидени остри казнени мерки. Од самиот почеток знаевме дека веројатно ќе треба да ги применуваме овие санкции долго време“, наведе Шолц во својата статија за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Според него, „ниту една од овие санкции нема да биде повлечена во случај на мир по диктат на Русија“.
„За Русија нема друг начин да постигне договор со Украина освен оној што би бил прифатлив за Киев“.
Германскиот канцелар тврди и дека ЕУ ќе и помага на Украина се додека и е потребна поддршка: економска, хуманитарна, финансиска и преку испорака на оружје. Тој даде гаранции дека НАТО нема да стане завојувана страна во тој конфликт.