Правото на протест е загарантирано граѓанско и уставно право во една демократија како нашата. Сите ние сме учествувале на протести, а тоа секогаш било пред сѐ затоа што сме сакале суштински промени во државата. Треба на сите да ни е јасно дека овие протести, најпрво не се граѓански протести како што сака опозицијата да ги прикаже, тие се организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица и се апсолутно неповрзани со европскиот предлог, иако на прв поглед изгледаше така, вели денеска во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски.
На прашањето за евентуалните влијанија однадвор врз протестите против францускиот предлог кој се одржуваат веќе десетина дена, Ковачевски вели дека смета оти овие протести се гола борба за власт.
– Недозволиво е да се злоупотребуваат протестите за насилство и кршење, за да се повредуваат луѓе. Во само неколку кратки денови, ние имаме 50-тина повредени припадници на полицијата, од кои дел се со тешки и сериозни повреди. Легитимното право да се протестира не смее во никој случај да се претвори во насилство, а се со цел задоволување на лични интереси или интереси на трети страни, кои не седат на страна од сето ова. Ние за жал имаме парламентарна партија која се финансира однадвор и навистина не ме чуди што тие се и толку ревносни да ја загрозат стабилноста и безбедноста на нашата земја, изјави Ковачевски.
Тој рече дека се надева оти ВМРО-ДПМНЕ и Левица „ќе смогнат сили и ќе најдат капацитет да ги искажат своите ставови институционално и на форуми каде имаат и обврска да го прават тоа, како што е Собранието“.
– Доколку навистина имаат сериозни грижи како што преставуваат, а протестите не се иницирани само и единствено заради борба за да дојдат до власт, тие треба своето мислење да го искажат пред сѐ на говорница. Од 2017 наваму, ние имаме демократска Влада и вистинско демократско уредување. Сите алатки им се ставени на располагање, нешто што претходно воопшто не беше случај ниту пак се практикуваше, посочи Ковачевски.
Во врска со неговата неодамнешна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и за можноста за приближување на ставовите, но и за евентуалните алтернативи, Ковачевски вели дека опозицијата „нема никаква идеја која е нашата алтернатива, односно некои од нив погледот го свртуваат кон исток“.
– Затоа и секогаш се против, а не за. Кажав и претходно, нивната единствена желба е власт, нивната наводна борба за македонските интереси е борба за превласт. И тука нема никаква друга идеја. Сите нивни изјави и дејствувања се во таа насока и на тој принцип поставени. Тие пробаа сега, во 2022 да исценираат крваво сценарио кое сите нѐ потсети на крвавиот 27 април, сѐ со единствена цел, исто како тогаш кога со такво сценарио сакаа да ја задржат власта, а сега со цел да дојдат на власт. Државните интереси за нив се сосема неважни, смета Ковачевски.
Тој додава дека единствената алтернатива за земјава е Европската Унија, нагласувајќи дека ЕУ е нашиот најголем трговски партнер, дури 80 отсто од трговска размена е со земјите од Европската Унија, повеќе од 80 отсто од директни инвестициите во земјата се од земји членки на ЕУ. Ковачевски напомена и дека нашето законодавство е веќе 45 отсто усогласено со законодавството со ЕУ.
– Едноставно, ние сме природно поврзани со Европа и Европската Унија. И повторно ќе кажам, Договорот не води кон никаква асимилација и бугаризација. Додека граѓаните ни ги заплашуваат со наводна „бугаризација“, и дека „од утре нема да сме веќе Македонци“, тие во своите редови имаат десетици видни функционери со бугарски пасоши кои одамна, при добивање на тие документи, се изјасниле дека имаат бугарска самосвест. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ не познава граници, смета премиерот.
Во врска со забелешките на помалите коалициски партнери на власта во однос на францускиот предлог, како и за тоа дали е стабилна владината коалиција Ковачевски вели дека коалицијата е апсолутно стабилна.
– Ние живееме во демократија, политичките ставови може да ни се разликуваат, но она што е најважно е да ја имаме на ум благосостојбата на граѓаните и просперитетот на државата. Коалицијата е апсолутно стабилна, мнозинството е стабилно и за тоа не треба да се има дилема, додава Ковачевски.