ноември 22, 2024

Собранието трет ден расправа за ребалансот на Буџетот

Во Собранието трет ден има расправа за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2022 година, на која пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата ги повторија ставовите – поддршка и критики за ребалансот.

Пратениците од власта сметаат дека ребалансот треба да се поддржи максимално зашто го продолжува трендот на поддршка на стандардот на граѓаните во услови на економска, енергетска и здравствена криза.

Според опозициските пратеници, ребалансот е нереален и со овие проекции буџетот нема „да издржи“ до крајот на годината. Вината, според нив, не е само увезена, како што тврди власта, туку се должи и на немањето политики на предвидливост.

Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ребалансот „не е скроен по мерка на народот“, туку по мерка на владината коалиција зашто не презема ништо за спречување на ценовниот шок и ублажување на сиромаштијата во услови на, како што рече, историски највисока инфлација, највисок јавен долг и најнизок економски раст во регионот.

Неговиот сопартиец Бојан Стојановски повика целиот економски тим во Владата да поднесе оставка зашто, рече тој, убедливо сме најслаби во сите економски параметри. Укажа дека со ребалансот се кратат средства за поддршка на странските инвестиции кои ќе отворат нови работни места, а поддршка не добиваат ни домашното стопанство, малите и средните претпријатија. Реагираше и на кратењето на капиталните инвестиции за сто милиони евра.

– Нема ниту едно евро за нов проект… Ова е школски пример како не треба да се изработи документ особено не во ваква криза. Се пумпаат ставки за непродуктивни трошоци на сметка на оние кои треба да се помогнат во овој тежок период,  рече Стојановски.

Според Халил Снопче од Алијанса за Албанците, ребалансот нема да биде ефективен и смета дека Владата треба да биде загрижена за негативните параметри кои го оптоваруваат стандардот на граѓаните и да биде позаинтересирана како ќе се трошат нивните пари.

-Никогаш сме немале толку високи цени – на нафтата, електричната енергија и храната. Буџетскиот дефицит е на највисоко ниво, рапидно се зголемува јавниот долг, а странските инвестиции се на најниско ниво по глава на жител споредено со земјите во соседството. Инвеститорите немаат доверба, „Дуинг бизнис“ вели дека тоа е поради високото ниво на корупција и невладеење на правото…, рече Снопче.

Жаклина Лазаревска од СДСМ смета дека одат во вистинска насока, а показател за тоа, рече таа, е зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари како една од антикризните мерки.

-Минималната плата од 2016-та е зголемена за 100 отсто, а просечната плата, која сега изнесува 31.525 денари, е зголемена за 40 отсто во однос на 2016 година, рече Лазаревска.

На обвинувањата од опозицијата за задолжувањето, заменик-министерот за финансии Филип Николоски се осврна на кризите во изминатите три години и неколкуте пакети за поддршка и субвенции за ранливи категории граѓани, како и повратот на ДДВ на сметките на граѓаните преку апликацијата МојДДВ – 70 милиони евра за три години.

-Во минатата и предминатата година, кои беа најтешки, вративме и 770 милиони евра две еврообврзници кои беа издадени во 2014 и 2015 година. Дополнително, треба да се спремиме за идната година – имаме за враќање  450 милиони евра еврообврзница издадена во 2016 година. Фондот за пензионери е зголемен за 140 милиони евра во овие четири години, фондот за плати  за вработените во јавниот сектор е зголемен за 180 милиони евра, рече Николоски.

Расправата по ребалансот на третиот ден од собраниската седница ќе продолжи во 15:30 часот, по редовната пауза.

Со ребалансот на Буџетот за 2022, вкупните приходи се планирани на 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари, што е околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарда денари, а економскиот раст е проектиран на 3,2 процента. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.

Read Previous

Спасовски: МВР ќе ги преземе сите мерки за безбедност на пратениците и на законодавниот дом

Read Next

Ковачевски: За жал имаме парламентарна партија, која се финансира однадвор