ноември 22, 2024

ССМ најави штрајк на јавниот сектор, утре ќе работат само 10 проценти од вработените

Сојузот на синдикати на Македонија за утре најави генерален штрајк во јавниот сектор бидејќи, како што нагласуваат оттаму, не се исполнети нивните барања за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.

На седница на Комисијата за финансирање и буџет вчера не помина амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот со кој требаше да се обезбедат средства за линеарно покачување на платите.

-Работниците беа сведоци на срамно однесување на пратениците од владејачкото мнозинство членови на Комисијата за финансирање и буџет кои најостро се спротиставија на предлог-амандманот на ССМ кој предвидуваше средства во буџетот за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари, велат од ССМ.

Не е добро, додаваат од Синдикатот, да не си на страната на работниците, кои воедно се и гласачи.

Од Сојузот на синдикати на Македонија појаснуваат дека согласно правилата за време на генералниот штрајк ќе обезбедат расположив капацитет од 10 проценти од вработените во овој сектор.

Вработените во јавен сектор покрај тоа што ќе штрајкуваат со прекин на работниот процес на своите работни места во работно време, видливо од 10 до 11 часот ќе застанат и надвор пред просториите на работодавачот.

Read Previous

Камбоџанец ја улови најголемата слатководна риба во светот досега

Read Next

Новата серија на ТРТ 1 „Балканска приспивна“ премиерно во Скопје