ноември 22, 2024

Косово одбива да учествува на следниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“

Косовскиот премиер Албин Курти ја одби поканата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за учество на Иницијативата Отворен Балкан, што се очекува да се одржи во Охрид на 7 и 8 јуни. Во писмото до премиерот Ковачевски, Курти вели дека Косово е посветено на Берлинскиот процес, кој беше одобрен од шесте земји од Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и беше целосно поддржан од Европската унија. Според Курти, Косово и Северна Македонија треба да работат заедно за да ја спречат Србија да ги промовира своите руски и кинески интереси во регионот.

„Со оглед на заедничките вредности меѓу нашите две земји, во наш интерес е да работиме заедно за да ја спречиме Србија да ги промовира своите руски и кинески интереси во нашиот регион, притоа постојано негирајќи ја независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, и блокирајќи ги еднаквите можности за граѓаните на Косово“, рече Курти.

Курти вели дека заедничките вредности и аспирации се постигнуваат на Заедничкиот регионален пазар, каде што државите функционираат според правилата и вредностите на Европската унија. Косово се противи на иницијативата „Отворен Балкан“, инсистирајќи на тоа дека Косово треба да биде претставено како рамноправно, односно како независна држава во секој процес, вклучително и во иницијативата „Отворен Балкан“. Во Охрид нема да учествува ниту Босна и Херцеговина. Но, за разлика од претходно, учество на следната средба најави и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Според него, единствена цел на Црна Гора во надворешната политика е полноправно членство во ЕУ, и дека не бара други алтернативи за оваа цел.
Иницијативата „Отворен Балкан“ е продолжение на балканскиот „мини-шенген“, претставен во Нови Сад, Србија на 10 октомври 2019 година, од лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија.

Алсат

Read Previous

Во Виетнам пуштен во употреба стаклен пешачки мост долг 632 метра

Read Next

Пендаровски го осуди палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола