ноември 23, 2024

Министерот Бектеши на Стратешкиот дијалог со САД ги презентираше можностите за стратешки инвестиции

Северна Македонија има стратешка географска позиција. За странските инвеститори е од клучна важност тоа што земјата е главна транспортна рута низ Европа. Даваме голема поддршка на странските инвеститори кои ќе донесат одлука да реализираат инвестициски проекти во земјата, а преку оваа поддршка за странските инвеститори директно се поттикнува целокупната економија, порача министерот за економија Крешник Бектеши на работниот состанок на тема „Трговија и инвестиции“ во рамки на Стратешкиот дијалог САД-Северна Македонија што денеска се одржува во Вашингтон.

Во рамки на работниот состанок  министерот ги презентираше можностите и поволностите кои што ги има земјата за развој на стратешки инвестиции.

Побара поддршка за Северна Македонија во делот на развој на механизми за проверка на странските инвестиции, како главна цел за зајакнување на надлежноста на властите за заштита на националната безбедност, притоа зачувувајќи ја долгогодишната политика на отвореност за странски инвестиции.

Двете страни ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка и споделија идеи за зголемување на трговијата и инвестициите во различни сектори.

“Правната рамка во Северна Македонија е генерално поволна за странските инвеститори, а странските директни инвестиции постојано растат. Меѓутоа, имајќи предвид дека Северна Македонија стана членка на НАТО и го продолжува својот пат кон интеграција во ЕУ, треба да обезбеди правни механизми за контрола на странските директни инвестиции од  гледна точка на националната безбедност, со цел заштита на националните интереси, преку транспонирање на Регулативата на ЕУ 2019 година“ кажа министерот Бектеши.

Министерот информираше дека Владата  работи на развој на сеопфатен и транспарентен Регистар на државна помош за инвеститорите со цел да  и да се создаде поефективен систем за известување за државната помош.

„Работиме на активности за поголема координација на различните програми кои како државна поддршка за инвеститори ги даваат различни институции со цел поголема транспарентност“ кажа Бектеши.

Билатералната трговска соработка почнувајќи од 4 април 2003 година, откако Северна Македонија стана полноправна членка на Светската трговска организација (СТО), се одвива според правилата, принципите и законските прописи на СТО.

САД се рангирани на 13-то место во вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со светот во 2020 и 2021 година.

Во трите месеци од 2022 година, САД се рангирани на 16-то место. Билатералната трговска размена е 76 милиони американски долари во трите месеци од 2022 година, при што извозот е 39,5 милиони американски долари, а увозот 36,6 милиони американски долари.

На работната средба беше отворена и дискусија за регионалните иницијативи на кои што учествува Северна Македонија, каде министерот Бектеши информираше за најновиот развој во рамките на Отворен Балкан, Енергетската заедница, Коридорот 8 и градење на заедничка трговска политика во рамки на Заедничкиот регионален пазар како што се Слободно движење на стоки, услуги, капитал и работници.

Read Previous

СДСМ: Мицкоски ги поткопа државните позиции, усвоена Резолуција на ЕПП со ставови на Бугарија!

Read Next

Димовски: Ако човек од ВМРО-ДПМНЕ ви вели дека со Бугарија ви е катастрофална ситуацијата, тогаш сфатете дека е катастрофална ситуацијата