Судот денеска треба да се произнесе дали ќе бидат изведени како докази доставените транскрипти и цедеа од телефонски разговори помеѓу Никола Груевски и Јордан Камчев, и двајцата обвинети во случајот „Плацови на Водно“. Овие материјали ги доставиле бранителите на Груевски непосредно пред почетокот на последното рочиште одржано минатата недела, а денеска Обвинителството и бранителите на другите обвинети треба да се изјаснат – дали ќе приговараат против овие докази или ќе се согласат да бидат изведени.
Но, она што му претходеше на денешното рочиште, е фактот дека тие телефонски разговори викендов беа објавени на Јутјуб. Станува збор за две снимки, во кои Груевски и Камчев разговараат за случајот „Плацеви на Водно“, во кој првообвинет е поранешниот премиер.
Дали со јавното објавување на тие разговори, тие се компромитирани како потенцијални докази? Релевантни извори велат дека според судската пракса на Европскиот суд за човекови права, во случајов не е проблем дали тие се законски или незаконски стекнати и дали се веќе објавени, туку дали го тангираат јавниот интерес.
Поранешниот премиер, Никола Груевски, на Фејсбук ја потврди автентичноста на разговорите.
„Да, тие разговори се случија во февруари 2021 година (…) Не знам дали овие снимки ќе влијаат на судскиот процес. Знам само дека исти вакви снимки во случајот ‘Рекет’ беа прифатени за докази и се донесоа судски пресуди на база на тие докази. Овие снимки точно покажуваат дека немам никаква врска со таканаречените Плацеви на Водно“, напиша Груевски.