Симовски во изјавата за МКД.мк нагласи дека станува збор за замена на местата на бројките, односно наместо евангелисти – методисти било наведено „атеисти“. Тој додава дека со последниот попис е заведена и графа за агностиците, зашто така барале да бидат заведени тие граѓани (1 964 лица).
Тој нагласи дека другите податоци се во ред и дека граѓаните можат сите податоци кои се во нивен интерес да ги пронајдат во МакСтат базата на Заводот за статистика.
МКД.мк и во петокот побара одговор од Статистика за бројот на атеисти, изразивме можност дека е направена печатна грешка имајќи предвид дека 355 лица е неверојатно мала бројка, но тогаш до крајот на денов не добивме одговор. А исправката дојде во деновите на викендот.
Симовски утрово рече дека и нему му беше чудна тогаш презентираната бројка на атеистите.
Сепак, некои периферни податоци кои би го оптовариле целиот извештај, не беа наведени, како на пример неколку лица кои се изјасниле како марсовци или побарале да биде запишана некаква друга реално непостоечка припадност, вели Симовски.
Во однос на реакциите на дел од партиите кои сметаат дека во пописот на населението има фалсификувани податоци со цел друга етничка припадност или религиска припоадност да биде фаворизирана, а кои повикуваат и на кривична одговорност на првите луѓе на Заводот за статистика, Симовски вели дека се неосновани, но дека секако, како што нагласува, постојат институции.