ноември 22, 2024

Пендаровски: На Кирил Петков треба да му се верува за руските агенти

Претседателот Стево Пендаровски не ја коментира вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков, дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија, но вели дека треба да му се верува оти се работи за актуелен премиер.

-Изјавата на Петков не можам да ја коментирам бидејќи е заснована на информациите на бугарските институции и бугарските служби. Но, бидејќи се работи за актуелен премиер на Бугарија, треба да му се верува, изјави Пендаровски за ТВ Телма.

Претседателот Стево Пендаровски, го објасни и неодамнешното протерување на руски дипломати од земјава, но се осврна и на изјавата на бугарскиот премиер.

– За тие петмина руски дипломати, изјавивме дека излегле од статусот со кој се имаат пријавено кога дошле кај нас, значи не биле дипломати. Не можам да влегувам до детали тоа се разузнавачки детали, но тие работеле надвор од тоа што го пропишува Виенската конвенција, вели Пендаровски.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера изјави дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија.

– Тоа што го истражуваме на многу места е голема руска дијаспора на агенти во Бугарија. Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) ги истражува. Некои од нив работеле специјално врз добрите односи со Северна Македонија. Рускиот интерес бил фокусиран врз тоа да нема европска иднина за Западен Балкан, рече Петков за време на посетата на Благоевград.

Според него, некој се обидува да го замени бугарскиот интерес.

– Имаме неколку такви случаи на кои работиме, рече Петков.

Претходно, Петков рече дека очекува во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија да излезе со резултати. Петков додаде дека е важно што ќе биде ставено во потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа. 

Read Previous

Селекторот Милевски задоволен од играта, разочаран од резултатот

Read Next

Исплатени 21,5 милиони евра, а проектите и набавките не се реализирани, ДЗР утврди неправилности во работењето на АД ЕСМ