Премиерот Димитар Ковачевски непланирано допатува за Брисел за самитот на НАТО посветен на Украина, но ја искористи приликата за да се сретне и со соговорници од ЕУ, каде македонскиот пат е сѐ уште блокиран поради билатералното прашање со Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Тој не сака да лицитира со датуми за одржување на ветената меѓувладина конференција за старт на преговори, и вели дека никогаш не го споменал јуни, но предупредува дека секое одлагање го зголемува скептицизмот во земјата и им остава простор на актери блиски до режимот на Владимир Путин.
-Неотпочнувањето на преговори со Република Северна Македонија дава лош сигнал, бидејќи ние веќе имаме четири позитивни извештаи од страна на Европската Комисија за нашиот напредок во усогласувањето со ЕУ. Тоа дава лош сигнал како за нас така и за цел регион. Министерот за надворешни работи сподели тоа што беше дел од одредени истражувања, а тоа е дека поддршката за ЕУ е сѐ уште на исклучително високо ниво, над 68 проценти. Меѓутоа неисполнувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција го зголемува скептицизмот кај одредени групи, што е нормално во еден таков долг процес и не е добро. Постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат РСМ како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии. Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа. Бидејќи да не заборавиме ние сме најновата членка на НАТО, каква што станавме благодарение на тешките одлуки, меѓутоа сега гледаме колку е значајно да се биде земја членка на НАТО со оглед на тоа што безбедноста на државата се гарантира од најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот, вели премиерот во интервју за МИА.
Северна Македонија се надева на нов импулс во преговорите со соседна Бугарија, каде новиот премиер изрази волја за надминување на несогласувања, но и самиот се справува со домашен отпор. Ковачевски вчера имаше прилика да се сретне и со премиерот и со претседателот на Бугарија, Кирил Петков и Румен Радев, дојдени за бројните самити кои се одржуваат во Брисел оваа недела за Украина. Премиерот вели дека градењето доверба помеѓу двете страни е поважно од лицитирање со датуми.
-Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а заснован на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните, вели Ковачевски.
Во однос на ЕУ санкциите со кои Северна Македонија е целосно усогласена, а можат да и нанесат штета на македонската економија, премиерот посочува дека постојат веќе програми за помош од пред војната, но и дека неговата влада е во постојана комуникација со ЕУ колегите. Дали тоа значи дека Северна Македонија ќе може да добие некакви компензации, останува неизвесно во моментов.
-Ние имаме на дневно ниво контакти со релевантните секретаријати и сектори во ЕУ и тоа пред сѐ се однесува на финансиската помош бидејќи министерството за финансии е во постојана комуникација и со ЕИБ и со ЕЦБ. Детали не можам да ви откријам бидејќи се работи навистина за разговори на техничко ниво во однос на финансирањето на надворешниот долг што го имаме бидејќи секогаш постојат повеќе опции за финансирање на задолжувањето и прва опција секако ни е прво ЕУ каде што имаме пристап на дневно ниво. Во однос на снабдувањето со електрична енергија се разговара за заедничко купување и за сите тие стратегии коишто ги развива ЕУ ние сме информирани уште пред нивното правење, и ние веќе ги имаме тие стратегии. Ако погледнеме и проектот во Александрополи, таму учествуваат Република Грција којашто е дел од ЕУ, Република Бугарија којашто е дел од ЕУ и ние коишто сме на пат за влез во ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски за МИА.