Сега гледаме колку е важно обезбедувањето храна, но граѓаните не треба да се грижат. Имаме доволно колични основни производи, подготвуваме план за поддршка на пролетната седиба, а резултат ќе дадат и интервентните мерки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во гостувањето на „Утрински брифинг“, Николовски потенцира дека максимално одговорно се постапува, се следат состојбите и се реагира навремено.
-Храна ќе има. Активно и будно ја следиме состојбата. Граѓаните да не стравуваат и да им веруваат на институциите, порача Николовски.
Според него, предвидувањата во светски рамки покажуваат колку е ситуацијата сериозна, што, пак, е уште една потврда за значењето на земјоделството и производителите.
Министерот уште еднаш кажа дека со Србија е договорен извоз на околу 50 000 тони жито, но на вчерашната средба во Белград станало збор и за увоз на рафинирано и нерафинирано масло.
-Не е точно дека не ни треба пченица, работата е сериозна. Генералниот секретар на ФАО ќе ве шокира ако ги слушнете прогнозите за тоа што не очекува и како ќе биде. Тоа е доказ колку внимание и поддршка се потребни за да опстанат земјоделството и производителите. Сакам да потенцирам дека максимално се трудиме да има доволно храна, но и да има доволно домашно производство, како и да бидеме увозно независни. Фокусот на државните аграрните политики кои веќе даваат резултат, е секоја педа земјоделско земјиште да биде обработлива, да биде максимално искористена и да се стави во функција на развојот. На среден рок да се зголемат приносите, а на долг рок да се намали увозот, напомена Николовски и додаде дека наредниве денови и официјално српската Влада треба да ја усвои одлуката за кревање на „рампата“ кон Северна Македонија.
Во однос на пласманот, министерот е дециден дека забрани засега нема, ниту има раскинување на договори, но државата, сепак, е максимално ангажирана и на изнаоѓање алтернативни пазари за нашите производи.
Одговорајќи на прашањето дали земјава некогаш ќе може сама да се прехрани, Николовски подвлече дека токму тоа е целта на актуелните земјоделски политики. Во таа насока се, нагласи, и реформите, но „нешто што не било направено 30 години, не може да се промени за само една година“.
-Наследивме 350 милиони евра заостанати субвенции. Прв пат по три децении зборуваме за окрупнување на земјоделските површини и за здружување во задруги. Прв пат ќе се менува и моделот на субвенционирање преку воведување авансна исплата, 30 отсто пред почеток на сеозната. Посебно внимание ќе се поствети и на земјоделското земјиште. Не само државното, туку и приватното ќе се става во функција, ќе се дава на оној што сака да го работи. Се работи и на модернизација на инфраструктурата, како и на развој на селата, истакна Николовски.
Негова оценка е дека „ако не се субвенциите, нашето земјоделство ќе пропадне“.