ноември 23, 2024

Трипуновски: Власта моли за пченица во Србија за да можат нивни блиски луѓе да ја извезуваат и да профитираат

Крешник Бектеши вчера призна дека тој и Ковачевски лажеле кога кажаа дека во стоковите резерви има пченица, вели Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што вели тој, Бектеши кажа дека 45.000 тони пченица за која од владата зборуваат наназад подолг период е пченица во посед на приватните млинови и трговци, а не дел од стоковите резерви.

-Ковачевски и Бектеши во период на криза ја оставаат државата во неизвесност. И наместо да работат на полнење на стоковите резерви со пченица, од владата ќе одат во Србија да молат за пченица во име на Република Македонија, не за државата, и не за народот, туку за сметка на одредени трговци, кои пченицата која Ковачевски и Бектеши ќе ја добијат во име на народот ќе ја реекспортираат во трети држави и ќе остварат огромен профит.

Ковачевски и Бектеши ќе земат 50.000 тони пченица од Србија, за неколку трговци истата да ја извезат во Грција, Бугарија, Албанија или Косово.

Сега се поставува прашањето кои се тие трговци кои ќе можат по повластени услови да земат пченица од Србија, за на истата да стават маржа и да ја извезат во Грција, Бугарија, Албанија или Косово? Како се одбрани тие трговци кои ќе можат да ја купат пченицата и дали лица блиски до врвот на власта треба од еден извоз да направат милиони?

Сето ова немаше да биде воопшто проблематично ако цената на брашното во Македонија не пораснеше за 40%, исто како и лебот и другите намирници.

Доколку владата наместо за профит на бизнисмените блиско до нив обезбедеше пченица за нашиот пазар и ја регулираше цената сега ќе јадевме поефтин леб, и ќе плаќавме помалку за килограм брашно, вели Трипуновски.

Read Previous

Си Џинпинг: Шокиран сум!

Read Next

Арсовски: Антикризните мерки на Владата се само на хартија