Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вети обнова на сите домови уништени во руската инвазија врз земјата.
Во видео-порака објавена изутринава тој истакна дека веќе се работи на план за реконструкција.
Независно од штетите Зеленски е уверен во способноста на земјата за брза обнова.
Инаку, во изјавата тој уште рече дека вчера не функционирале хуманитарните коридори отворени за евакуација на цивилното население. За тоа ја обвини руската страна која, како што рече, не престанала со огнот.
Зеленски уште истакна дека жителите на опколениот град Мариупол, кои успеале да пристигнат до блискиот град Бердјанск, се префрлени во Запорожје.
Градоначалникот на Маирупол, Вадим Боиченко, преку платформата „Телеграм“ изјави дека немало прекин на огнот, но оти биле пропуштани патничките возила. Според Зеленски, за последните 24 часа повеќе од шест илјади жители на Мариупол го напуштиле градот вклучително и две илјади деца, но некои од нив биле изложени на руски оган во областа Запорожје. Нема потврда за тоа од независни извори.