ноември 23, 2024

Киев тврди дека руските сили загубиле 40 отсто од ангажираната воена техника во Украина

Од почетокот на агресијата досега руските вооружени сили имаат претрпено загуби до 40 отсто од ангажираната техника и луѓе во Украина, тврди Генералштабот на украинската армија.

Во денешниот дневен билтен украинската страна соопштува дека дури 40 проценти од руските окупациски сили се или целосно уништени или исфрлени од борбена способност.

И натаму како најкритична се посочува областа околу Мариопол, каде руските сили имаат големи загуби во обидите да го блокира пристанишниот град од западна и источна страна, тврди Киев.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека во текот на вчерашниот ден околу 20 илјади луѓе успеале да се евакуираат од Мариопол, додека колоната со помош за градот се уште е блокирана од руска страна.

Во областа околу Одеса руски воени бродови вршеле гранатирање на брегот на Црното море, без обиди за десант, соопшти Антон Херашченко, советник во украинското МВР.

Во текот на денешниот ден треба да продолжат преговорите на украинските и руските претставници. За барањата на руската страна Зеленски рече дека тие сега стануваат пореални, но предупреди дека ќе биде потребно уште некое време пред Украина да биде задоволна од понуденото.

Премиерите на Полска, Чешка на Словенија вчера беа во Киев за на украинскиот претседател да му ја покажат својата солидарност и поддршка кон Украина.

Read Previous

Заев имал 50 советници, Ковачевски не ги сака, ќе ја крати листата, дел ќе бидат распределени, а на дел ќе им се раскине договорот

Read Next

Зеленски потпиша закон со кој се забранува негирање на руската агресија