Цените на горивата во Црна Гора од полноќ ќе достигнат историски максимум, со поскапувања од 16 до 29 центи, пишува подгорички „Вијести“.
Како што претходно објавија црногорските медиуми, од утре бензинот поскапува за 16 центи, така што литар БМБ 98 ќе чини 1,78 евра, додека БМБ 95 ќе изнесува 1,74 евра.
Еуродизелот поскапува за 28 центи и литар од овој вид гориво ќе чини 1,73 евра, додека нафтата за греење поскапува за 25 центи и ќе чини 1,67 евра.
Поскапување на услугите поради цените на горивата најавуваат и автобуските превозници, како и такси здруженијата.
Владата на Црна Гора пред два дена презентираше сет мерки за поддршка на стопанството и граѓаните, меѓу кои и намалување на акцизата за горивото за 40 отсто наместо првичните 20 отсто. На бензинските пумпи во Црна Гора велат дека во изминатите денови точеле рекордни количества гориво и до педесетина тони дневно, а дека и денеска има голем метеж, додава „Вијести“.