-На дванаесеттиот ден од руската инвазија на Украина, Москва објави уште едно ограничено примирје и воспоставување безбедни коридори кои ќе им овозможат на цивилите да избегаат од некои опколени украински градови, што Киев го отфрли.
-Украина остро го критикуваше рускиот предлог, бидејќи најавените рути за евакуација на цивилите од Киев, Мариупол, Харков и Суми главно водат кон Русија и нејзиниот сојузник Белорусија. Украинскиот вицепремиер Ирина Верешчук го осуди рускиот предлог за прекин на огнот, нарекувајќи го „неприфатлив“.
– Русија денеска потврди дека нејзиниот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе се сретне со својот украински колега Дмитриј Кулеба и со првиот човек на турскиот дипломат Мевлут Чавушоглу на дипломатскиот форум во Турција на крајот на неделата.
– Владата на Руската Федерација денеска одобри список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани. На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
– САД и други членки на НАТО досега и испратиле на Украина 17.000 противтенковски проектили и 2.000 противвоздушни ракети Стингер, изјави висок американски функционер за Си-Ен-Ен.
– Стотици илјади луѓе во Украина се отсечени од помошта за спасување животи поради воената опсада на градовите, се наведува во денешниот извештај на ОН, кој итно повикува на безбедно минување. Се прават обиди во моментот за воспоставување хуманитарни коридори по дводневниот неуспешен прекин на огнот.
– Русија одби да присуствува денеска на сослушувањето во Високиот суд на ОН каде Украина бара итна наредба за прекин на конфликтот, рече главниот судија. „Судот жали поради непојавувањето на Руската федерација во овие усни постапки“, рече претседателката Џоан Доногју.
– Високиот комесаријат за бегалци на ОН соопшти дека одговорноста за бегалците од Украина во Европа треба да биде распоредена на поструктурален начин. „Континентот се соочува со бран бегалци од Украина кои бегаат од војната. Европа мора да вложи дополнителни напори за тоа како ќе ја сподели одговорноста за бегалците и тука пред се мислам на структурален начин“, изјави шефот на УНХЦР, Филипо Гранди.
– Околу пет милиони Украинци се очекува да ја напуштат земјата доколку продолжат офанзивните активности на руските воени сили во Украина, предупреди шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, притоа нагласувајќи ја потребата Европа да се подготви за тоа.
– Меѓународни радиодифузери и медиуми ја прекинаа работата во Русија, по одлуката на рускиот Парламент да го ограничи известувањето за вестите за инвазијата на земјата на Украина.
– На Украина и претстои многу работа како би се придружила кон ЕУ, но тој процес е почнат, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен во интервју за телевизиската станица „Си-Ен-ЕН“.
-Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, го отфрли планот како циничен и лицемерен потег на Москва, велејќи дека „тој не познава многу Украинци кои сакаат да бараат засолниште во Русија“.-
-Украинската влада предложи осум рути кои ќе им овозможат на цивилите да одат во западните региони на Украина, каде што нема руско гранатирање. За време на викендот имаше обиди да се воспостави безбеден премин за цивили, но не успеаја, а гранатирањето продолжи.
-Во Мариупол, каде што 200.000 луѓе очајнички сакаат да побегнат по десет дена без струја и недостиг од вода и храна, претставниците на Црвениот крст денеска чекаа да слушнат кога ќе биде воспоставен безбеден коридор.Битката за Мариупол е од клучна важност бидејќи заземањето на тој град може да и овозможи на Москва да воспостави копнен коридор до полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
-Руските сили постигнаа значителен напредок во јужна Украина и долж брегот, но нивните други напори досега беа главно спречени, вклучително и огромен конвој кој се упати кон Киев, но речиси неподвижен со денови.
-Во Белорусија почна третата рунда преговори меѓу Русија и Украина од почетокот на инвазијата на 24 февруари, но има мали надежи дека ќе се постигне некаков напредок. Првите две рунди преговори, на украинско-белоруската граница и на полско-белоруската граница, не престанаа со борбите, но двете страни начелно се договорија да формираат „хуманитарни конвои“ за евакуација на цивилите.
-Претходно денеска Кремљ објави дека во секое време може да ги прекине воените операции во Украина доколку Киев го признае Крим како дел од Русија, а Доњецк и Луганск како независни држави. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Украина мора да го промени и Уставот и да се откаже од напорите да се приклучи на блок, како што е НАТО.
-Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Вуавушоглу денеска изјави дека министрите за надворешни работи на Русија и Украина оваа недела ќе се сретнат во близина на турскиот медитерански град Анталија. Чавушоглу рече дека ќе учествува и на таа средба на шефовите на руската и украинската дипломатија Сергеј Лавров и Дмитриј Кулеба.
-Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска почна да ја разгледува тужбата на Киев против Москва, за планирање на геноцидот во Украина. Украина побара од судот да нареди прекин на руската инвазија, тврдејќи дека Москва врши бројни воени злосторства и „прибегнува кон тактики што потсетуваат на средновековни опсади“. Русија соопшти дека нема да учествува во процесот.
-Канцеларијата на ОН за човекови права објави 406 потврдени цивилни жртви, но рече дека тој број веројатно е значително поголем.
-Меѓународната организација за миграција денеска објави дека повеќе од 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија. Речиси три петтини побегнале во Полска, повеќе од еден милион, 180.000 се преселиле во Унгарија и 128.000 во Словачка.
-Борбите во Украина доведоа до раст на цените на енергијата ширум светот и пад на цените на акциите и закана за снабдувањето со храна на луѓето ширум светот кои се потпираат на земјоделските култури во плодниот регион на Црното Море.
-Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика на дополнителни санкции против Русија, вклучително и глобален бојкот на руската нафта, што е од клучно значење за нејзината економија.
-Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги посети Литванија и Летонија, кои се обиде да ја увери американската поддршка и дека НАТО ќе ги заштити. Во Рига, главниот град на Летонија, Блинкен рече дека НАТО ќе ја брани секоја педа од својата територија доколку биде нападнат и додаде дека никој не треба да се сомнева во подготвеноста и одлучноста на алијансата.