ноември 23, 2024

Граѓаните да не стравуваат – храна има, цените се под контрола

Нема простор за паника – стоковните резерви се доволни, а компаниите располагаат со залихи на храна кои можат да одговорат на потребите на пазарот. Државата нема да дозволи ценовни шокови, ќе ги заштити граѓаните. Пченица и брашно ќе има, лебот нема да поскапи. Во сила е Одлуката за трговските маржи и инспекторите се постојано на терен. Доколку се утврди потреба, ќе се реагира со соодветни мерки.

Ова е пораката што ја испратија надлежните по информациите во јавноста дека рафтовите на маркетите масовно се празнат. Тие упатија и апел до медиумите, да внимаваат при известувањето, зашто сега не е време за шпекулации и манипулации.

И стопанството е децидно дека населението не треба да стравува.

– Нема место за паника. Недостиг на храна нема да има никако, нема да има притисок врз цените, ниту ќе има ценовни шокови. Земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви кои моментно нема потреба да се стават во фунција, имајќи предвид дека производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви, рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Според него, белиот леб не е поскапен во сите маркети, кај некои цената е 25 и 27 денари. Бектеши очекува благо намалување на цените на основните производи, согласно Одлуката за трговските маржи, но засега е важно, вели, дека нема поскапувања.

-Важно е дека нема зголемување на цените како што објавија некои медиуми вчера и завчера, без да ги имаат влезните податоци и пред да се применува мерката. Може да проверите по супермаркети. Убеден сум дека, како со овошјето и зеленчукот чија цена е намалена, така ќе се случи и со другите производи. Инспекторатот е на терен, очекуваме благо намалување на цените како што е предвидено со Одлуката.  Има информации дека одредени производители ги зголемиле цените на лебот, но тие главно се движат од 25 до 30 денари. Тоа граѓаните може да го забележат и да одлучат каде ќе купуваат. Секако ние нема да дозволиме тоа да трае. Денеска е само првиот ден, во наредните денови сите производи ќе се вратат на цените согласно Одлуката за маржи. Нема да дозволиме да има шпекулации и манипулации, потенцира министерот.

Бектеши информира и дека причината за празнењето на некои маркети викендов, било повлекувањето на производите од страна на самите трговци.

-Немало паника од страна на граѓаните. Утврдено е дека некои од трговците сами ги повлекле залихите за денеска повторно да ги вратат назад со нови цени. Тоа е целосно утврдено од надлежните институции и нема да дозволиме да се случи. Не е време за манипулации и шпекулации, рече Бектеши и нагласи дека тие трговци што мислат дека на таков начин можат да манипулираат со институциите и потрошувачите ќе бидат санкционирани и дополнително контролирани.

И министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека нема потреба од паника – стоковните резерви се доволни, а и ќе се реагира со мерки ако има потреба.

– Државните резерви се класифициран податок и затоа немаме право јавно да го објавиме, но она што е најважно е дека тие да се доволни, и не само државните резерви, туку и резервите што ги имаат компаниите за нивните потреби на пазарот кои, исто така, се доволни. Во моментов има доволно резерви и нема потреба од паника. Ние ќе продолжиме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Владата ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто, рече Бесими во интервју за „Еуроњуз Албанија“.

Според претседателот на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ, граѓаните треба да бидат сигурни дека компаниите ќе обезбедат доволни количини пченица и брашно.

-Граѓаните да не стравуваат и да не креваат паника, зашто стопанствениците ќе обезбедат доволно пченица и брашно. Санкциите кон Русија од македонска страна би биле катастрофални ако ние како држава не би имале други пазари за суровини, како што се Србија, Унгарија, Романија и Бугарија. Не треба да се дига паника кај населението до тој степен, луѓето треба да бидат сигурни дека нашите стопанственици ќе обезбедат доволни количини пченица и брашно за потребите, а ги уверувам и дека Владата ќе најде начин да ги заштити, дециден е Малишиќ.

Во врска со цените, додава, новата Одлука на Владата создава поволна клима и сигурност, како за стабилност на индустријата, така и за заштита од преголемо покачување или несоодветно изнудено поскапување на брашното и лебот.

-Според денешните покачувања на цените, се гледа дека покачувањата се соодветни и различни, со што се потврдува функционалноста на Одлуката за заштита на населението. Би апелирал до граѓаните, да не создаваат паника околу зголемувањето на цената на лебот, зашто зголемениот трошок за набавка на леб за едно семејство на месечно ниво е најмал во споредба со зголемувањето на цените како трошокот на енергенсите, елелектричната енергија, цигарите и сите други производи кои се зголемија вртоглаво во последниот месец. Целта на Одлуката е да се зачува и домашното производство, како не би се соочиле со затварање на домашните производни капацитети, од кои некои веќе и најавија затворање, со што ќе се соочевме како држава со недостиг од 160.000 парчиња леб на пазарот, објаснува Малишиќ.

Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи од вчера стапи во сила, откако минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија. Со тоа, престана да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.

Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.

Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици. Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Read Previous

Комисијата за заразни болести ќе расправа за епидемиолошката состојба

Read Next

Декларација за поддршка на територијалниот интегритет и воена помош за Украина