ноември 21, 2024

Косово го слави Денот на независноста

Република Косово, со низа активности и свеченоси, денеска ја одбележува 14-тата годишнина од прогласувањето на својата независност.

Според државната агенда, активностите за одбележување на овој државен празник ќе започнат утрово во 8 часот со кревање на косовското знаме во дворот на Владата, а на церемонијата ќе присуствуваат претседателката на држаавата, Вјоса Османи, претседателот на републичкото Собрание, Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти.

Челниците на државните институции, традиционално, ќе оддадат почести и ќе положат цвеќиња во Меморијалниот центар на основачот на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Адем Јашари и кај гробовите на првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова и на истакнатиот борец за независно Косово, Адем Демачи. Предвидени се чествувања и кај спомениците на други водачи и борци на ОВК и разни други свечености во речиси сите градови во државата.

По двегодишна пауза, предизвикана од пандемијата на Ковид-19, денеска на пладне во центарот на косовската престолнина ќе се одржи традиционалната парада на припадниците на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и на косовската полиција.

Денот на независноста, меѓу другото, ќе биде одбележан и со промоција на монографијата „78 дена бомбардирања на НАТО“, со свечен концерт на Филхармонијата на Косово и со заеднички концерт на државните фолклорни ансамбли на Косово и Албанија. На 17 февруари 2008 година косовското Собрание ја прогласи независноста на Република Косово, која оттогаш е признаена од над сто држави во светот. Тогашната македонска Влада ја призна независноста на Косово во октомври истата година.

Read Previous

Политичарите за политиката, историчарите за историјата – продолжува новата динамика на разговори со Софија

Read Next

НАТО сака дипломатско решение со Русија, но се подготвува за најлошото