САД побараа во четврток да се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за Северна Кореја, земјата која во неделата ја тестираше најмоќната своја ракета од 2017 година, соопштија денеска дипломатски извори.
Средбата треба да се одржи зад затворени врати.
-Се надеваме дека Советот за безбедност ќе постигне единство и ќе ја објави резолуцијата, рече дипломатот, кој сакаше да остане анонимен.
„Треба да инсистираме Советот за безбедност барем да ја охрабри Северна Кореја да ги почитува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, а ако тоа не е способен, тогаш имаме проблем“, додаде тој.
Северна Кореја „постојано напредува во балистиката, го подобрува дострелот, прецизноста и смртоносноста на своите ракети“, продолжи дипломатот, истакнувајќи дека Северна Кореја „има повеќе нуклеарни проектили“ и „извршила повеќе од 60 тестови во лабораторија“.
-Доколку ги комбинираат двете технологии: нуклеарната и балистичката, во што, се чини, сè уште не успеале, ќе се постигне ниво на закана што не може да се толерира, рече тој.
Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека американскиот претставник за Северна Кореја Сунг Ким деновиве разговарал со јапонски и јужнокорејски претставници.
-Ким го осуди севернокорејското истрелување балистички ракети, со што се прекршуваат резолуциите на Советот за безбедност и се дестабилизира регионот, изјави портпаролот на американското Министерство за надворешни работи Нед Прајс.
Потсетувајќи дека САД остануваат подготвени за дипломатски разговори со Северна Кореја, Ким им го потврдил на соговорниците американскиот ангажман во одбраната на Јужна Кореја и Јапонија, се додава во соопштението.
Пјонгјанг вчера потврди дека еден ден претходно ја истрелал својата најмоќна ракета од 2017 година, балистичката ракета со среден и долг дострел Хвасонг-12.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска го осуди лансирањето на балистичката ракета, истакнувајќи дека тоа „го прекрши мораториумот објавен во 2018 година за овој тип проектили“. -Ова е очигледно кршење на резолуциите на Советот за безбедност, додаде Гутереш.