Во пресрет на денешната расправа во Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, членот на претседателството на БиХ од овој ентитет, Милорад Додик изјави дека Република Српска е заинтересирана за политичката и економската состојба во БиХ.
Од тоа, како што кажа, во голема мера зависи и состојбата во Република Српска.
-За жал, од таа ситуација и лошите односи во БиХ зависи и ситуацијата во Република Српска, а тоа се одразува и на одредени наши функции, нагласи Додик, пренесува РТРС.
Додик најави дека денеска ќе разговараат како и на кој начин би можело да се реши политичката криза во БиХ.
-Од друга страна, слушаме дека треба да се укине Република Српска, на оние кои мислат дека БиХ нема шанси или оние кои мислат дека треба да се формира трет ентитет и дека покрај Република Српска и другите два народи треба да имаат свој ентитет. БиХ е составена и од Република Српска и ние во неа го внесуваме нашиот суверенитет и нашите права. Ние од Република Српска не ја гледаме БиХ како унитарна и централизирана држава, рече Додик.
За денеска во Бања Лука е закажана посебна седница на Народното собрание на Република Српска (НАРС) на која ќе се расправа за „Политичката и економската состојба во БиХ“, а во документот доставен до пратениците се посочува дека политичката криза во институционалното функционирање на БиХ може да се надмине само со постојани и истрајни разговори.