Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, го осуди „безумното уништување и насилство“ на вчерашните демонстрациите против здравствената ковид-пропусница во Брисел на кои, меѓу другото, беше нападната и зградата на Европската унија.
Во порака на Твитер, Борел се заблагодари и на белгиската федерална полиција за нивните акции за совладување на насилните демонстранти.
Во Брисел вчера дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите против рестрикциите поврзани со пандемијата на Ковид-19 за време на протестите во кои учествуваа десетици илјади луѓе.
Судирите избија во близина на седиштето на Европската унија, кога полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги потисне демонстрантите кои користеа камења и петарди.
Според властите, околу 50.000 луѓе прошетале низ главниот град на Белгија, а имало и учесници од неколку други европски земји. Вчерашните протести беа најмасовните во низата демонстрации во градот во последните месеци.
Полицијата соопшти дека се уапсени 70 лица, вклучително и десет за прекршоци како што се фрлање предмети и уништување имот. Тројца полицајци и 12 демонстранти се хоспитализирани, но никој не е во животна опасност.