ноември 22, 2024

Керемедчиев: Оправдан е бугарскиот став за одвојување на Северна Македонија и Албанија во пристапниот процес кон ЕУ

Додека претставници на македонската власт најавуваат, а опозицски претставници ги демантираат наводните можности за деблокирање на  бугарското вето  во периодот декември – јануари, бугарската јавност очекува новата влада во Софија посилно да го врати нејзиното влијание во надворешната политика. Во моментов извесно е дека шефот на бугарската дипломатија ќе биде од редовите на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, а се шекулира дека кандидати за таа функција се Димитар Гардев и Павела Митова.

„Колку побрзо се формира владата и  Бугарија  добие навистина репрезентативен министер за надворешни работи, се надевам дека толку побрзо ќе се вратиме на преговарачката маса со силни позиции и со јасна перспектива – што Бугарија навистина сака да се случи за да може да има промена во нејзината надворешна политика“, вели бугарскиот дипломат и експерт по меѓународни односи, Милен Керемедчиев, во интервју за Радио Фокус, а пренесува Дојче Веле на македонски јазик.

Тој го оправдува бугарскиот став за одвојување на Албанија и Северна Македонија во пристапниот процес кон ЕУ, и наведува кои се причините за тоа.

„Сметам дека е правилен последниот став на Бугарија за разделување на Албанија и Република Северна Македонија, бидејќи така ќе се види дека и Албанија всушност има проблеми за започнување на преговорите за членство, кои произлегуваат од други западноевропски држави, како Холандија и Франција, кои имаат стравови од брз прием на Албанија во ЕУ. Така повеќе ќе се види и дека Бугарија не е основната сопка и пречка за членство на двете држави во ЕУ“, вели Керемедчиев.

Тој смета дека двете земји се различни во својата подготвеност и дека „е логично да бидат одвоени“ во процесот, но не верува дека тоа ќе се случи, бидејќи  политиката на ЕУ  е да ги поврзува кандидатите и да бидат примани заедно. Потсетува дека таков бил случајот и со Бугарија и Романија, иако двете земји меѓусебно постојано се обвинувале дека едната ја кочи другата.

Read Previous

Царовска: Правото на квалитетно образование е едно од најважните права на детето

Read Next

Заев: Принципите на еднаквост и недискриминација се во суштината на секое општество