ноември 23, 2024

ЈО: Се обезбедуваат докази и се сослушуваат лица за трагедијата во Бугарија

Во интерес на истрагата за трагедијата во која загинаа 45 лица во Бугарија, а која се одвива по меѓународни стандарди, нашето обвинителство денеска ги предаде на бугарските обвинители сите потребни документи и докази, информира пред малку на прес-конференција јавниот обвинител Љубомир Јовески. На прес-конференцијата во обвинителството присуствуваа и заменик-окружниот јавен обвинител во Перник Бисер Јорданов Михајлов, како и истражителот во Националната истражна служба на Бугарија, Младен Христов Петров.

– Денеска ги предадовме ДНК профилите, записниците од испитувањата на осуммина сведоци за трагедијата, потоа, предметот оформен во Министерството за транспорт и врски во однос на издавањето лицена за меѓународен слободен првоз, како и целокупната документација за автобусот со кој располага Министерството за внатрешни работи. Сето ова е во интерс на истрагата која се одвива според меѓународни стандарди, а која ја води бугарското јавно обвинителство бидејќи трагедијата се случи на територија на Бугарија – рече Јовески.

Тој информира дека за потребите на двете обвинителства, се обезбедуваат и други докази, а се сослушуваат и лица кои можат да дадат сознанија за настанот.

– Соработката е професионална со јавните обвинители од Бугарија. Наидовме на целосно разбирање кај обвинителството и од утре двајца наши експерти од Институтот за судска медицина, ќе заминат во Софија заради забрзување на процесот на идентификација на загинатите и предавање на телата на семејствата – рече Јовески.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека непосредно по сообраќајната трагедија, надлежните служби веднаш влегле во „Беса транс“ од каде што е одземена и запленета документацијата и компјутерите. Сослушан веднаш бил и сопственикот на фирмата-превозник и кажа дека тој е достапен на институциите. Јовески информира и дека се прибираат податоци и за одговорноста на други лица и за нивните дејствија кои придонеле и за незгодата но во исто време и во делот на прекршувањето на законите.

– Можеби има фалсификување на документи, но сите тие прашања ЈО ги испитува. Ве уверувам дека ако има кај некое лице елементи на кривично дело, ЈО ќе покрене постапка и сите ќе одговараат согласно законот – додаде тој.

Обвинителот Христов Петров изрази сочувство за семејствата на загинатите патници и рече дека сочувствува со нивната болка.

– Се сретнував и во минатото со професионализмот на колегите од Македонија. И во овој случај имав можност повторно да се уверам во прекрасната интезивна комуникација и деноноќна работа, која започна од раните утрински часови на 23 ноември и трае досега. Се собираат многу докази, многу документација, засега не може сега да се даде дефинитивна претстава за тоа кои се причините за несреќата – рече бугарскиот обвинител.

Тој напомена дека голем дел во испитувањето продолжува и сега, за да биде исклучен тероризам или злонамерни дејствија или палење со цел да настане експлозија.

– Треба да се елиминираат таквите претпоставки. Истрагата продолжува во многу правци и врз основа на значителен број докази – рече Христов Петров.

Неговиот колега Јорданов Михајлов кажа дека координацијата меѓу судските власти во двете држави е на исклучително високо ниво.

– Од денот и часот откако се случи несреќата, институциите постојано работат. Ќе продолжиме со активностите и се надеваме дека во најкус рок и по испитувањето на ДНК анализите, труповите на загинатите ќе бидат вратени на семејствата. Се надевам дека тоа ќе се случи до крајот на другата седмица – рече тој.

meta.mk

Read Previous

Ќучук: Добрососедските односи немаат алтернатива

Read Next

Француска фирма в година ќе гради соларен парк кај Штип