Двајцата цариници кои биле на смена кога кобниот автобус на „Беса транс“ излегол од државата ќе бидат суспендирани од работа бидејќи излезот на возилото не го евидентирале електроснки. Нивниот раководител ќе биде санкциониран.
Ова сноншти го најавија преку соопштение од кабинетот на директорот на Царината.
„Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот Беса транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници“, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Царината дополнително ќе провери дали е валидна докментацијата што превозникот Беса транс ја приложувал при претходните регистрирани излези од државата во периодот од 15 октомври до 11 ноември.
Кобниот автобус којшто беше учесник во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во периодот од 15 октомври до 11 ноември годинава, имал повеќе преминувања на граничните премини, и тоа преку „Деве Баир“, „Блаце“, „Ќафасан“ и „Делчево“ за различни видови на превоз, вклучувајќи и јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници.
Ваквата царинска контрола следи откако завчера министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираше оти автобусот на „Беса транс БТБ“ немал извод од лиценца издадена од ова министерство, без којшто документ, на возилото му било дозволено да ја премине границата со Бугарија, но и да стигне до Турција и да се врати назад.
Бочварски тогаш рече дека контролата и надзорот над превозот на патници и стоки е во надлежност на Државниот инспекторат за транспорт, но и додаде дека при меѓународен превоз на патници контрола на поседувањето на извод од лиценца за возилото може да се направи и на граничните премини, односно Царинската управа по закон може да провери дали возилото го поседува овој документ и ако не го поседува, тогаш тој автобус требало да биде запрен на граничниот премин.