СДСМ бараат оставка и извинување од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти како што велат, со денови го лажел народот дека има мнозинство и 61 глас за гласање недоверба на Владата. Поради отсуство на еден пратеник кој беше потпишан на иницијативата, но не се појави во Собранието, не успеа обидот да и се изгласа недоверба на владата предводена од Зоран Заев.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција рече дека Христијан Мицкоски наместо да се извини и да понесе одговорност, шири невистини за наводно киднапирање на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи.
„Оние кои се меници држеа пратеници сега устата им е полна со невистини, затоа оставка“, рече таа.
Кузеска вели дека народот може да биде спокоен, оти стабилноста е осигурена. Таа вели дека СДСМ разговара со сите пратеници кои се демократски ориентирани и интензивно работи на обезбедување на напредок на државата.
Запрашана за повикот од ВМРО-ДПМНЕ за брзи избори, Кузеска рече дека Мицкоски не треба да се крие зад брз избори после толку кажани лаги.