Пратеникот од Движењето БЕСА, Кастриот Реџепи, кој вчера „исчезна“ и ги урна надежите на опозицијата за уривање на Владата, денеска преку нов фејсбук статус се огласи и најави дека во понеделник ќе одржи прес-конференција и дека детално ќе информира за последните настани и за неговите ставови. Ја повика Беса, во која партија е на функцијата потпретседател, да не избрзува со потезите за да не им нанесе штета на партиските структури.
„Следниве денови ќе имаме можност подиректно да ве информирам за сѐ. Во однос на медиумите и интересот, ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот, апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активности. Треба да се постапува внимателно“, напиша Реџепи на неговиот приватен профил на Фејсбук и им се заблагодари на своите пријатели, семејството и на сите поддржувачи за поддршката.
Тој вчера попладнето се огласи со видео – порака преку Фејсбук преку која порача дека раководството на Беса и лидерот Биљал Касами не треба да се грижат за него бидејќи е добро и е на безбедно имајќи предвид дека имал закани од одредени стрктури. Реџепи во изјавата кажа и дека нему во прв план му се НАТО политиката и европската интеграција на земјава, што значеше дека практично дава одговор зошто се предомислил за учество на седницата на која вчера требаше да се гласа за доверба на Владата.