ноември 23, 2024

Унгарија призна дека го купила системот за прислушкување „Пегаз“

Шефот на комисијата за одбрана и внатрешни работи на унгарскиот Парламент вчера призна дека Министерството за внатрешни работи го купило контроверзниот израелски софтвер за надгледување „Пегаз“.

Тајните служби и полицијата „во сите случаи постапуваа во согласност со законот“, истакна вчера Лајош Коса, шеф на парламентарната комисија за одбрана и внатрешни работи во Будимпешта.

Секоја шпионажа со помош на „Пегаз“ била одобрена од судии или од Министерството за правда, објасни тој по состанокот на парламентарната комисија, пренесува унгарската државна новинска агенција МТИ.

Пратениците на одборот го испрашуваа министерот за внатрешни работи Шандор Пинтер за употребата на „Пегаз“. Деталите за комисиската расправа ќе се чуваат во тајност до 2050 година.

Новинарите, групите за човекови права и дигиталните форензичари уште во јули почнаа да известуваат за „Пегаз“. Тие предупредија дека авторитарните влади ширум светот го користат софтверот за да ги следат критичарите, опозицијата и новинарите.

Овој софтвер бил инсталиран на мобилните телефони на независните новинари, сопственици на медиуми и политичари во Унгарија без нивно знаење. Унгарија во прв момент не сакаше да ги коментира наодите.

Read Previous

Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши во официјална посета на Северна Македонија

Read Next

СЗО: Епидемиолошката ситуација во Европа е предупредување за светот