Љубителите на велосипедизмот на планина од вчера може да уживаат во втората велопатека која е пуштена на Водно. Новата планинска велосипедска патека е долга 3,64 км и широка 3 метри со специјално изработени безбедни свиоци и рампи. На патеката нема пресеци и мешање со пешачки патеки што ја прави многу безбедна, соопшти Град Скопје.
„Патеката спаѓа во таканаречената „семејна категорија“. Таа е истовремено безбедна за употреба од страна на сите генерации, но апелираме истата да се користи исклучиво со соодветна заштитна опрема. Новата велопатека „Flow“ е наменета за надолно движење со која се комплетира трасата Скопје – Средно Водно – Скопје“, порачуваат од Град Скопје.
Во текот на утрешниот ден на Средно Водно ќе се одржи вториот Фестивал за алтернативен туризам, со почеток во 10 часот и велосипедистите, освен понудата на сите најголеми дистрибутери на велосипеди и велосипедска опрема и забавната програма, ќе имаат можност да возат на новата велопатека.