Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, на проштална средба ја прими постојаната претставничка на УНДП (Програма за развој на Обединетите нации) во земјата, Нарине Сахакјан, на која ѝ изрази благодарност за личниот ангажман и поддршката при реализирањето на многубројни успешни заеднички проекти за време на нејзиниот мандат.
Премиерот Заев потенцираше дека е особена важна поддршката на УНДП за успешно спроведување на планираните реформи во земјата, кои се важни за реализирање на нашите развојни приоритети и исполнување на евроинтегративниот процес, со крајна цел обезбедување на квалитетен живот на граѓаните.
На средбата се разговараше и беше истакната поддршката и соработката на УНДП во изработката на Националната стратегија за развој на земјата, при што беше констатирано дека продолжува посветеноста и имплементацијата на документот: „Рамка за соработка на одржлив развој на Обединетите нации“ за периодот 2021-2025 година, како стратешка програмска рамка за активностите на Обединетите нации во нашата држава, во насока на постигнување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 на Обединетите нации.
Поздравена е меѓусебната соработка и отвореноста на Владата и институциите за унапредување на соработката, особено во проекти за побрз и одржлив развој на економијата, соработка во обезбедувањето на зелено финансирање со кое ќе се зголемат инвестициите во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во приватниот и станбениот сектор.
Соговорниците со задоволство констатираа дека соработката продолжува и УНДП останува да биде близок развоен партнер на Република Северна Македонија во насока на остварување на националните приоритети, поддржувајќи ги процесите преку советодавна помош и механизми за ефикасност, јакнење и подобрување на капацитетите во сите приоритетни области.