„Лица обвинети за кривични дела и луѓе блиски на Груевски е понудата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за овие претстојни локални избори.
Токму тоа се луѓето кои не можат да понудат ништо освен деструкција и враќање на режимот, а Мицкоски лажно ги претставува како чесни и нови лица.
Еден од нив е и актуелниот градоначалник и кандидат на Мицкоски за општина Петровец, против кого е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за перење пари.
Во медиумите се појавија и натписи за сомнителното минато и на кандидатот за градоначалник во Гази Баба, Бобан Стефковски.
До денес, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не одговорија дали е точно дека Стефковски, во 2002 и 2003 во два наврати бил притворен поради неовластено производство на опојни дроги.
Во јавноста постојат и документи дека кандидатката на општина Крушево, Билјана Проеска, е осудувана во 2015 година на условна казна затвор поради фалсификување исправа.
И за ова, Мицкоски се уште молчи и нема одговор.
Пресуда со условна казна има и кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски за учество во тепачка.
Христијан Мицкоски и натаму молчи.
Ете ја почитувани понудата на Мицкоски за овие избори. Тоа е понуда со која Мицкоски ги потценува граѓаните од кои треба да ја бара довербата.
И токму затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги очекува нов убедлив пораз на локалните избори.
Граѓаните не сакаат и нема да дозволат нечесни и неодговорни кадри да ги водат општините.“ – рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.