Се е подготвено за почеток на пописот којшто треба да почне во недела на 5 септември, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
На редовната прес-конференција во Владата, Арсовски соопшти дека во сите комисии на 50-те пописни реони се завршени обуките на реонски инструктори и реонските попишувачи.
Во деновите до недела, кога во 8 часот наутро попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план за движење низ пописниот круг со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство, да не остане неопфатено. Сигурни сме како Влада дека граѓаните со доверба ќе ги примат попишувачите и ќе им ги дадат потребните податоци коишто ќе овозможат подобра иднина за сите нас и за земјата во целина, изјави Арсовски.
Пописот ќе се спроведува до крајот на септември. Ваква статистичка операција во земјава последен пат е спроведена во 2002 година.