Ветување дека ќе ѝ помогнат да го откупи и приватизира државното земјиште што го користело нејзиното семејство ја чинело 117.000 денари 24-годишна девојка од Скопје. Според пријавата во полицијата, две лица ја довеле во заблуда, при што едниот се претставил како вработен во Катастар.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен на 22 октомври 2026 година, во 14 часот, во СВР Скопје.
Според пријавеното, на 21 септември девојката се сретнала со двајцата мажи, кои ѝ ветиле дека брзо и ефикасно ќе ја завршат постапката за приватизација на земјиштето. Верувајќи им, таа во неколку наврати му исплатила пари на едниот од нив.
Измамата ја открила кога лично отишла во Катастарот за да провери до каде е постапката. Таму ѝ било кажано дека лицето кое се претставувало како нивен вработен веќе повеќе од две години не работи во институцијата.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на лицата инволвирани во измамата.


