October 23, 2026

Јаневска: Приоритет на Северна Македонија е поврзување со регионалните и глобалните истражувачки мрежи


Северна Македонија презеде повеќе мерки за развој на научноистражувачката дејност и создавање организиран национален иновациски екосистем, а следниот приоритет е поврзување со регионалните и глобалните истражувачки мрежи, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, во Брисел.

Според соопштението на Министерството за оразование и наука, на министерскиот состанок на Управувачката платформа за истражување и иновации за Западен Балкан, Јаневска посочи дека за краток период буџетот за наука е двојно зголемен, воспоставена е нова стратегиска рамка, подготвени се нови законски решенија и модернизирана е националната истражувачка инфраструктура.

Таа информираше дека е формиран Националниот совет за иновации, претприемаштво и технолошки развој, како и дека е основана посебна Агенција за иновации, научнотехнолошки развој и претприемаштво, која треба да го олесни пристапот до средства и услуги за компаниите, истражувачите и иноваторите.

Според Јаневска, земјата има седум центри за трансфер на технологии, пет технолошки инкубатори и еден приватен научнотехнолошки парк. Во тек е основањето виртуелен научнотехнолошки парк и првиот технолошки парк под целосна надлежност на државата.

Таа додаде дека проектот ВЕЗИЛКА е прва национална контактна точка во европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција.

„Тековен главен фокус е намалување на одливот на мозоци и создавање услови за задржување на младите истражувачи во земјата каде што се очекува да го реализираат својот личен потенцијал“, рече Јаневска.

На состанокот се разговарало за политиките за поддршка на иновациите и добрите практики во истражувачката дејност. Во рамките на посетата на Брисел, Јаневска треба да оствари и билатерална средба со европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева.

Read Previous

Сараево домаќин на меѓународен саем за туризам, со повеќе од 200 претставници од осум земји 

Read Next

Скопје пред неколку века – животот во старите турски бањи