Собранието на Албанија го усвои предлог-законот „За учество на вооружените сили на Албанија во воената операција на Меѓународните сили за стабилизација во Газа“.
Предлог-законот беше изгласан на денешната собраниска седница што беше проследена со тензии, со 106 гласа „за“, без гласови „против“ и без воздржани.
Предлог-законот беше усвоен без расправа откако пратениците од најголемата опозициска партија, Демократска партија, ја блокираа говорницата, а денешната седница неколкупати беше прекината од претседателот на Собранието, Нико Пелеши.
Според предлог-законот, максималниот број албански припадници што ќе учествуваат во оваа операција ќе изнесува 40.
Во предлог-законот се предвидува мисијата на припадниците на вооружените сили на Република Албанија во воената операција на Меѓународните сили за стабилизација во Газа да биде поддршка на безбедносните и стабилизациските операции, заштита на персоналот, објектите и инфраструктурата на мисијата, поддршка на хуманитарните операции, следење и известување за безбедносната состојба, како и други задачи во согласност со мандатот на мисијата, во рамките на Одборот за мир.
Законот, предложен од Советот на министри на Албанија, треба да биде прогласен и од претседателот Бајрам Бегај, а според албанските власти ќе стапи во сила 15 дена по објавувањето во „Службен весник на Албанија“.
– Тензии и дебати околу случајот со поранешната директорка на разузнавачката служба –
Денешната седница на Собранието на Албанија беше проследена со дебати и тензии во врска со случајот со поранешната директорка на Државната разузнавачка служба на Албанија (ШИШ), Влора Хисени, која беше разрешена од функцијата.
За време на денешната седница претседателот на Демократската партија, Сали Бериша, случајот со поранешната директорка на Државната разузнавачка служба, Влора Хисени, го оцени како „случај со сериозни последици за националната безбедност“.
Опозициските пратеници побараа на денешната седница да се расправа за случајот, исто така, побараа и присуство на премиерот Еди Рама.
Рама се наоѓа во САД на заседанието на Генералното собрание на ОН.
Специјалното обвинителство против корупцијата и организираниот криминал на Албанија (СПАК) на 22 септември официјално потврди дека Специјализираниот суд од прв степен за корупција и организиран криминал (ЃККО) на 21 септември на Хисени ѝ ги одредил мерките „куќен притвор“ и „суспензија од вршење должност или јавна служба“.
Според СПАК, Хисени е осомничена за кривични дела „откривање тајни акти или податоци“ и „помагање на сторител на кривично дело“.
По овие случувања претседателот Бајрам Бегај донесе одлука за разрешување на Влора Хисени од функцијата.
Се известува дека истрагата е поврзана со инволвираност на други лица што претходно биле предмет на истрага во рамките на случајот познат како „Случајот на Националната агенција за информатичко општество“.
Во ЃККО денес се одржува рочиште за оценување на мерката за обезбедување присуство на Хисени.

