Енергетската и економската криза е една од најголемите во поновата историја, а Владата при носењето на мерките приоритетно се грижи за заштитата на животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Одговарајќи на пратеничко прашање, Ристески рече дека кризата ги погодува сите држави, особено преку снабдувањето со енергенси, што има директни последици и врз економиите.
Како една од мерките ги посочи намалените стапки на ДДВ за горивата, од 18 на 10 проценти. Според него, мерката овозможува дневна заштеда од 250 до 350 илјади евра за граѓаните и стопанството.
Најголема потрошувачка има кај дизелот, кој, според Ристески, го користат околу 70 проценти од граѓаните и економијата. Тој процени дека за периодот на важење на мерката, вкупната заштеда би достигнала меѓу три и четири милиони евра.
Ристески нагласи дека владините мерки се носат по анализи и координација меѓу повеќе институции, со цел истовремено да се заштитат граѓаните, економијата и државниот буџет.
Тој додаде дека Владата нема намера да ги запре големите инвестиции и капиталните проекти, оценувајќи дека економскиот раст и другите економски показатели се важни за подобрување на животниот стандард.
Во однос на цените на горивата, Ристески рече дека Македонија во моментов има најниски малопродажни цени во регионот, според анализите на Министерството за економија и труд.
Според презентираните податоци, литар бензин БС-95 во Македонија чини 99 денари. За споредба, цената е 129 денари во Грција, 126 во Албанија, 108 во Србија, 107 во Хрватска, а по 106 денари во Црна Гора и Словенија. Во Босна и Херцеговина, според истите податоци, цената е 104 денари.
Кај дизелот, цената во Македонија е 104,5 денари за литар, додека во Албанија е 147 денари, во Грција 126, во Србија 124, во Словенија 122, во Хрватска 119, во Црна Гора 117 и во Босна и Херцеговина 116 денари.
Ристески порача дека Владата ќе ја следи состојбата на светските берзи и, доколку има потреба, ќе преземе дополнителни мерки.
Тој посочи и дека кризата е непредвидлива и дека времетраењето и интензитетот на мерките ќе зависат од движењето на светските цени на нафтата и нафтените деривати.

