September 14, 2026

Започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост

Започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост, еден од најзначајните симболи на Скопје. Проектот предвидува ново ноќно осветлување со кое ќе се истакнат архитектонската убавина, камените сводови и историската вредност на мостот.

Од Град Скопје информираат дека осветлувањето ќе биде усогласено со архитектонските карактеристики и автентичноста на објектот, без да се нарушат неговиот изглед и карактер.

„Нашите симболи ја носат приказната за тоа кои сме. Наша обврска е да ги чуваме, да се грижиме за нив и достоинствено да им ги предадеме на идните генерации. Камениот мост е симбол на Скопје и заслужува да ја добие вистинската светлина и во ноќната панорама на градот“, порачаа од Град Скопје.

Со реализацијата на проектот, Камениот мост ќе добие нов визуелен идентитет во вечерните часови, со што дополнително ќе се збогати градскиот простор и туристичката понуда на Скопје.

Реализацијата на проектот е резултат на соработката со Општина Есенлер од Република Турција, потврдена со неодамна потпишаниот Протокол за соработка.

Read Previous

Тетово, планинските предели без ученици – во градските училишта бројот е зголемен