Беше потребно да помине повеќе од една деценија за да се ажурира листата на есенцијални лекови во Македонија. Министерството за здравство соопшти дека 12 лекови се отстранети, додека 193 нови се додадени, од кои се вклучени современи терапевтски можности против инфективни заболувања, ХИВ, вирусни хепатити, онколошки, невролошки и кардиолошки лекови, како и за репродуктивното здравје и перинаталното здравје.
„Новата листа е систематизирана во 28 терапевтски области и подетално ги содржи подгрупите, фармацевтските форми на дозирање. Новината не е само тоа што имаме 190 нови лекови и активни супстанции на оваа листа од 372 лекови кои се на оваа листа, новината е што го променивме терапевтскиот пристап, поставени се патеки за можни промени во основните лекови и поставени се неколку поистакнати лекови“, порача Сашо Клековски.
Истовремено, тој ја истакна разликата меѓу Листата на есенцијални лекови, кои здравствениот систем мора да ги има, и Позитивната листа на лекови, која ги опфаќа оние што се рефундираат преку Здравствениот фонд. Од листата од 2015 година се отстранети лековите кои повеќе не се сметаат за приоритетни во новиот терапевтски концепт, додека кај некои лекови е направена промена на активната супстанција, формулацијата или е предвидена соодветна терапевтска алтернатива, изјави деканот на Факултетот за фармација, Зоран Стерјев.
„Есенцијалната листа е неопходна, која претставува основа, кажано отворено, на фармацевтската политика на државата. Есенцијалната листа овозможува безбеден пристап во секој момент за сите заболувања со кои првично треба да се соочиме. Бидејќи есенцијалната листа е динамичен процес кој се менува, во овој аспект апелирам да не се случи повторно 11 години да има застој“, вели Зоран Стерјев.
Овие ажурирања беа направени со поддршка на Светската здравствена организација и со учество на соодветните национални институции и заинтересираните страни. По финализирањето и усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, Листата на есенцијални лекови беше објавена и во Службен весник.


