Градежниот сектор бележи значителен раст и станува еден од клучните двигатели на економската активност во земјава. Во второто тромесечје годинава е регистриран раст од 22 отсто, што според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски претставува највисок историски квартален раст.
Николоски посочи дека позитивниот тренд не е ограничен само на вториот квартал, туку претставува продолжение на динамиката која започнала уште минатата година.
„Се работи за исклучително висок раст, којшто не е феномен само за вториот квартал, туку е континуитет уште од минатата година. Ние во 2024 година ги поставивме темелите, ги поставивме проектите и веќе од 2025-та година гледаме силен раст во делот на градежништвото“, изјави Николоски.
Според него, во второто тромесечје биле реализирани градежни работи во вредност од околу 242 милиони евра, што е за околу 22 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
Вицепремиерот оцени дека ваквата динамика покажува оти градежништвото има сè поголемо значење за целокупната економија. Тој најави продолжување на реализацијата на капиталните проекти и во наредниот период, со очекување тие дополнително да придонесат за раст на градежниот сектор и на бруто-домашниот производ.
„Навистина градежништвото станува основен двигател на економијата и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период – да реализираме уште доста бројни проекти коишто ќе значат сериозен раст на градежништвото и со тоа на бруто-домашниот производ“, додаде Николоски.


