September 6, 2026

Градскиот воз за три дена превезе околу 1.500 патници, се планираат уште две линии

Околу 1.500 патници го искористиле градскиот воз во Скопје во првите три дена од неговото пуштање во сообраќај, а првичните анализи покажуваат добар интерес кај граѓаните, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Сител.

Според него, се очекува бројот на патници значително да расте во периодот што следи.

„Првичните анализи се добри, за три дена имаше некаде околу 1.500 патници. Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100.000 патници. Нашата проценка е дека околу 200.000 жители се опфатени со првата линија од градскиот воз“, изјави Николоски.

Тој информираше дека веќе се работи на проектирање на уште две линии, со кои треба да се прошири железничката мрежа и да се поврзат повеќе приградски населби со Новата железничка станица.

Првата планирана траса треба да се движи од Новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село.

Втората линија треба да го опфати северозападниот дел на градот и да се движи од Новата железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.

Со реализацијата на овие линии, според Николоски, ќе се создаде железничка мрежа што ќе ги поврзе трите делови на градот и приградските населби кои гравитираат кон Скопје.

„Со градскиот воз граѓаните ќе можат да ја избегнат градската гужва и преку точни временски интервали на пристигнување да го планираат своето време. Во моментов ја користиме рутата која некогаш постоела, за да ја вратиме во живот и на тој начин приградските населби да ги доближиме до центарот“, рече Николоски.

Проектирањето на двете нови линии, според најавите, треба да заврши до крајот на октомври, по што ќе следува тендерска постапка. Почетокот на градежните работи се очекува во декември или јануари, во зависност од временските услови.

Николоски очекува двете линии да бидат оперативни на почетокот на 2028 година.

Тој се осврна и на можноста за железничко поврзување со Меѓународниот аеродром Скопје, појаснувајќи дека во моментов до аеродромот нема железничка пруга, но дека ваква врска е предвидена во рамки на проектот за брза пруга.

„Идејата е со 160 километри на час од центарот на Скопје да се патува до аеродромот, што сериозно ќе го скрати времето на патување. Планирано е ова да биде првата отсечка која ќе се изгради во проектот ‘Брза пруга’“, изјави Николоски.

Read Previous

Осма жртва од западнонилска треска во Македонија