September 3, 2026

При Меѓународниот балкански универзитет основан Центар за истражувања на Турција

Во рамките на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), во соработка со Фондацијата „Маариф“ на Турција (ТМВ), е основан Центар за истражувања на Турција, јавува Анадолу.

Центарот, кој Турција ќе ја разгледува на регионално и глобално ниво преку политиката, економијата, јазикот, културата, образованието и сродните дисциплини, ќе придонесе академските истражувања, научните активности и издавачките активности во областа на турските студии да се спроведуваат во рамките на единствена институционална структура. За директорка на Центарот е именуван доц. д-р Сејхан Муртезан Ибрахими.

Ректорот на ИБУ, проф. д-р Лутфи Сунар, изрази задоволство од основањето Центар за истражувања на Турција во рамките на универзитетот, посочувајќи дека Центарот претставува важен чекор што ќе го зајакне академскиот капацитет на ИБУ, како и академскиот и културниот развој на регионот.

Сунар истакна дека истражувањата за Турција се важно поле за истражување не само за разбирање на Турција, туку и за разбирање на историските, културните, економските и академските односи меѓу Турција и Балканот, додавајќи дека Центарот ќе создаде академска платформа што ќе ја обедини академската фела од различни дисциплини.

Цел е Центарот да го обедини постојното академско искуство на ИБУ и меѓународните академски врски на ТМВ, создавајќи основа за квалитетни истражувачки и издавачки активности.

– Истражувањата за Турција ќе се разгледуваат од различни дисциплини –

Во рамките на Центарот за истражувања на Турција ќе се спроведуваат истражувања за внатрешната и надворешната политика на Турција, јавните политики и регионалните односи, како и за турската економија, трговијата, инвестициите, развојот и регионалната интеграција.

Меѓу областите на работа на Центарот ќе бидат и турскиот јазик и култура, културната дипломатија, образовните политики, обуката на наставници и компаративните образовни студии и дисциплини како историја, социологија, медиуми и комуникации и право.

Центарот, покрај формирањето истражувачки проекти и тематски работни групи, ќе спроведува активности за создавање заеднички истражувачки мрежи, производство на податоци и извештаи, како и, доколку е потребно, подготовка на политички белешки.

Во рамките на научните активности се планираат работилници и методолошки активности, серии семинари, програми со гостински предавачи, како и симпозиуми, конгреси и конференции со национално и меѓународно учество.

– Ќе се зајакне поврзаноста со Центарот за истражувања на Турција на ИБУ –

Во рамките на образовните активности на Центарот се предвидува додипломските програми за наставници по турски јазик и за одделенска настава на турски јазик во рамките на ИБУ, магистерските програми по турски јазик и литература и турско образование, како и докторската програма по турски јазик и литература да бидат поврзани со Центарот.

Дополнително, цел е во рамките на Центарот да се реализира и магистерска програма за истражувања на Турција.

Во областа на издаваштвото, во рамките на Balkan University Press се планира подготвување серии книги на тема истражувања на Турција, на среден и долг рок основање рецензирано академско списание и воспоставување одржлив издавачки календар.

– Директорката на Центарот, Ибрахими: Турција ќе ја проучуваме и од балканска перспектива –

Директорката на Центарот, доц. д-р Сејхан Муртезан Ибрахими, изјави дека основањето на Центарот претставува важна академска можност за истражувањата на Турција.

Ибрахими посочи дека една од основните цели на Центарот е создавање квалитетно и интердисциплинарно академско знаење за Турција, додавајќи дека истражувањата ќе ги опфаќаат и односите меѓу Балканот и Турција.

„Како Центар за истражувања на Турција, наша основна цел е да го зголемиме квалитетното академско продуцирање во областа на истражувањата на Турција и работата во оваа област да ја спроведуваме во одржлива институционална структура. Цел ни е Турција да ја разгледуваме не само преку една дисциплина, туку со придонес од различни области, како политика, економија, јазик, култура, образование, историја, социологија, медиуми и право“, истакна Ибрахими.

Посочувајќи дека сакаат постојниот академски капацитет на ИБУ да го искористат во рамките на посилна истражувачка мрежа, Ибрахими рече дека во ИБУ постојат важни додипломски и постдипломски програми што директно се поврзани со Турција и дека Центарот ќе придонесе ова академско искуство да стане повидливо преку истражувачки проекти, научни собири и издавачки активности.

„За нас Балканот е важна област на истражување. Историските, културните, економските и политичките односи на Турција со Балканот претставуваат еден од важните аспекти на истражувања на Турција. Поради тоа, сакаме да ги поддржиме истражувањата што ја разгледуваат Турција и од балканска перспектива и да ја зајакнеме академската интеракција меѓу Турција и Балканот“, додаде таа.

Покрај формирањето истражувачки проекти и тематски работни групи, Ибрахими кажа дека планираат да организираат семинари, работилници, конференции и академски собири, посветувајќи внимание на издавачките активности. „На долг рок цел ни е да создадеме редовна и квалитетна издавачка структура поврзана со меѓународните академски мрежи“, рече Ибрахими.

– Меѓународни академски соработки –

Се предвидува работата на Центарот за истражувања на Турција, кој академски е позициониран во рамките на ИБУ, да се одвива во согласност со принципите на академски квалитет, транспарентно управување, редовно известување и годишен план за активности.

Со механизмот за координација што ќе биде воспоставен со ТМВ се цели Центарот да се развива во согласност со меѓународните академски мрежи, а се планира ТМВ да обезбедува финансиска поддршка за Центарот, да придонесува за ангажирање академски кадар од Турција од соодветната област во Центарот и да обезбедува поддршка за координација и управување со мрежата со другите центри што ќе бидат основани на глобално ниво.

Со Центарот за истражувања на Турција се цели да се создаде одржлив истражувачки екосистем во областа на истражувањата за Турција, да се зајакне соработката со регионалните и меѓународните академски мрежи и да се зголеми академската видливост на ИБУ, преку редовни активности и публикации да им се понудат квалитетни информации на академската заедница и јавноста.

Read Previous

За првпат ангажиран воздухоплов за гаснење пожар надвор од Македонија