По барање на Република Косово, Република Северна Македонија за првпат ангажира државни ресурси надвор од својата територија, во рамки на меѓудржавна помош за справување со пожар.
„По приемот на барањето, како директор на Центарот за управување со кризи, бев во директна и континуирана координација со сите надлежни институции, заедно со Стојанче Ангелов, раководител на Главниот штаб, со цел навремено активирање на нашите капацитети и обезбедување помош за справување со големиот пожар што ја зафати нашата соседна држава.
Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи во моментов интервенира од воздух во реонот на Хани и Елезит, давајќи поддршка на екипите кои се борат со огнената стихија.
Ова не е само интервенција за гаснење пожар.
Ова е историски момент и потврда на нашата подготвеност да им помогнеме на нашите соседи, но и пошироко, секогаш кога тоа е најпотребно“, вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.

