September 1, 2026

Руски државјанин, осомничен за тројното убиство во Црна Гора, изврши самоубиство по полициска потера

Рускиот државјанин Михаил Николаевич Шабунин (30), осомничен за тројното убиство извршено на стрелиштето „Чешка зброевка“ во близина на Даниловград, изврши самоубиство откако полицијата го лоцираше и опколи во шумата над Херцег Нови, објави денес црногорската полиција, јавува Анадолу.

Директорот на црногорската полициска управа, Лазар Шќепановиќ, изјави дека припадници на специјалната полиција во текот на ноќта, користејќи специјализирана опрема и хеликоптер на вооружените сили на Црна Гора, го лоцирале и изолирале осомничениот во шумата над населбата Топла во Херцег Нови.

Според него, откако се нашол во безнадежна ситуација, Шабунин отворил оган врз полицајците, а потоа извршил самоубиство, објавија црногорските медиуми.

Шабунин е осомничен за убиството на Немања Капор (20) и Петар Глобаревиќ (24) од Подгорица и Момир Радоњиќ (67) од Даниловград на стрелиштето вчера.

По убиствата, осомничениот избегал со автомобил во сопственост на таткото на една од жртвите. Тој го оставил возилото во Рогами, по што со такси се упатил кон Херцег Нови.

Полициската управа и Вишото државно обвинителство во Подгорица ја продолжуваат истрагата, со цел целосно да се утврдат околностите, причините и мотивите за кривичното дело.

Read Previous

Бошњачкиот демократски сојуз поднесе кривична пријава против директорот на Агенцијата за правата на заедниците

Read Next

13-годишник претепан со безбол-палки и избоден со нож во Чаир – се бори за живот