Крајот на продолжениот викенд и враќањето на граѓаните пред почетокот на новата учебна година донесоа значително зголемена фреквенција на возила на патиштата низ земјава, како и подолги задржувања на дел од граничните премини.
Најголема гужва се бележи на граничниот премин Евзони-Богородица, во насока од Грција кон Македонија, каде според информациите од терен, за влез во земјава се чека и повеќе од два и пол часа. Во спротивната насока, од Македонија кон Грција, возилата се пропуштаат побрзо.
Слична е состојбата и на граничниот премин Дојран, каде исто така има зголемена колона на возила кои се враќаат од Грција.
Зголемен интензитет има и во внатрешноста на земјата. Гужви се забележуваат на наплатните станици, како и на патниот правец Охрид-Скопје, особено на приодот кон Гостивар.
Од АМСМ денеска официјално информираат дека интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
Зголемената фреквенција доаѓа во период кога голем број граѓани се враќаат од продолжениот викенд и летните одмори, непосредно пред почетокот на новата учебна година.


