Осумгодишно момче за малку ќе се удавело на плажата Маратијас, во областа Илија во Грција, и во тешка здравствена состојба било пренесено во Универзитетската болница во Амалијада, каде што е ставено на респиратор.
Според првичните информации, под сè уште неразјаснети околности, момчето проголтало голема количина вода, по што неговата состојба нагло се влошила. Веднаш била повикана итна медицинска помош, која пристигнала на местото и го пренела осумгодишникот во болница.
Според локалниот портал „Tempo24 News“, лекарите веднаш започнале со напорите за стабилизирање на неговата состојба. Наводно, од неговиот желудник била отстранета голема количина вода.
Лекарот од болницата во Амалијада, Вангелис Димитропулос, на „Фејсбук“ ги опишал драматичните моменти за време на борбата за живот на детето.
Тој навел дека момчето било без пулс и во исклучително тешка состојба, но лекарскиот тим продолжил со реанимацијата.
По напорите на лекарите, состојбата на детето почнала да се подобрува. Тоа повторно добило пулс и крвен притисок, почнало да реагира, а очите му се отворале и затворале.
„Какво само задоволство е за еден лекар кога неговата борба и труд имаат успех“, напишал Димитропулос.
Иако момчето било успешно реанимирано, наредните часови се клучни за неговата здравствена состојба и тоа ќе остане под постојан лекарски надзор. објави Скопје1.мк


