August 7, 2026

Рударството останува најслаба алка во индустријата и покрај потенцијалот за нови инвестиции

И покрај позитивните движења во индустријата, рударството продолжува да биде секторот со негативни показатели. Последниот извештај на Државниот завод за статистика покажува дека индустриското производство во Македонија во јуни пораснало за 6,5 проценти во споредба со истиот период минатата година, но рударската гранка бележи пад.

Според официјалните податоци, производството во секторот „Рударство и вадење камен“ е намалено за 3,8 проценти. Ова се случува во период кога Македонија располага со значајни минерални ресурси и има најавени инвестиции во ископ на бакар, но тие сè уште не се реализираат. Долг период рударството во Македонија нема забележано значителен раст, а четирите металични рудници кои функционираат полека ги исцрпуваат своите капацитети.

Од друга страна, повеќе од 40 години се нема реализирано ниту една голема инвестиција во оваа гранка, а во моментов единствена сериозна најава има за проектот за рудник за бакар во Иловица. 

Според инвеститорот, компанијата „Еуромакс ресоурес“, нивната почетна инвестиција би изнесувала 340 милиони евра, што би довело до зголемување на БДП за 3% на годишно ниво. Во меѓувреме, државните власти преку измена на Тарифникот во 2025 година, ги поскапеа концесиите за ископ на металични суровини, па иако инвеститорот првично најави просечен извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво, се очекува оваа сума да биде многу повисока.

Сепак, оваа единствена инвестиција во рудник во Македонија е во застој и покрај апелите на локалната иницијатива „И здравје и работа“ која ги повика државните институции да го слушаат гласот на стручната јавност.

„Уверени сме дека иднината на Македонија не смее да се гради врз страв, шпекулации и политички притисоци, туку врз факти, законски процедури и независни стручни проценки. Само така можат истовремено да се заштитат природата, здравјето на граѓаните и економскиот развој. Би било поразително за државата доколку стратешките одлуки зависат од јавен притисок, а не од научните сознанија, експертските анализи и институциите надлежни да ја утврдат исполнетоста на сите законски и еколошки стандарди“, соопштија од локалната иницијатива.

Претходно повеќе експерти поддржаа развој на одржливо рударство преку користење на современи технологии кои се во насока на поголема заштита на животната средина. Дел од нив во јавноста се осврнаа и на економските придобивки кои можат да ги имаат граѓаните и државата.

„Тие коишто се против рудници се апсолутно исклучиви. Тие не сакаат да слушнат ниту еден збор, ниту еден аргумент. Не треба да има исклучивост Не може да биде тоа така, зашто нема да одиме никаде со развојот како држава. Ова се објекти коишто носат додадена вредност. Тоа се скапи проекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери… Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава“, изјави неодамна универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова во гостување во Канал 5 ТВ.

„Државата го гледа и економскиот аспект. За буџетот… кога за одреден метал има побарувачка, цената ќе расте и понатаму. Сигурно нема да остане на овие цени што ги има во моментов. Буџетот, како на државата, така и на локалната заедница ќе биде дополнет, ќе ома нови вработувања… Покрај рударството и металургијата, тука ќе бидат вклучени и други сектори коишто се потребни. Ќе се троши електрична енергија, потребен е транспорт, ќе биде потребно да се изврши модернизирање на целата транспортна инфраструктура, што сето тоа се сведува на инвеститорот којшто ќе треба ова да го направи“, нагласи претходно универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ.

Експертите потенцираат дека големи придобивки, покрај за државниот буџет, ќе има и за локалните самоуправи, со оглед на законските одредби кои предвидуваат 78% од сумата наплатена за концесиски надомест да се влеваат директно во општинските буџети. Во случајот со проектот за рудник за бакар во Иловица, огромен бенефит ќе имаат општините Ново Село и Босилово, кои на распологање ќе имаат многу поголеми финансиски средства за реализација на инвестиции од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, земјоделието и друго.

Read Previous

Уставниот суд првпат пријави судија поради непочитување на негова одлука

Read Next

Бугарија, Романија и Шпанија потпишаа договор за заедничка воздушна одбрана на НАТО