July 21, 2026

Посетата на претседателката на Индија е важен исчекор во проширувањето на соработката

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија во официјална посета на државава.

По тет-а-тет средбата следеше пленарен состанок на македонската и на индиската делегација.

Предмет на разговорот беа актуелните македонско-индиски односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.

Соговорничките, исто така, разменија мислења за глобалните состојби, укажувајќи на потребата од почитување на меѓународното право и мирното решавање на споровите.

За Сиљановска-Давкова, посетата е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката. Во заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и во искуството од Движењето на неврзаните, таа препознава цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи.

Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар, може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.

Друпади Мурму оцени дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народи.

Според обете, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.

Read Previous

Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата

Read Next

Ферибот полн со патници се судри со брод кај грчкиот остров Крит