June 26, 2026

Во вторник ќе бидат познати кадровските промени во Владата, изјави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во вторник следната недела ќе се одржи седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по која ќе бидат познати кадровските решенија и промените на ресорите во рамки на најавената реконструкција на Владата.

Говорејќи во „Отворено студио“ на МРТ, Мицкоски истакна дека реконструкцијата не е мотивирана само од досегашните резултати на министрите, туку и од потребата за редефинирање на приоритетите на владините коалициски партнери.

„Не се важни само резултатите – дали биле добри, недоволно добри или воопшто ги немало. Понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Она што било важно пред две години, денес има поинаква форма и бара поинаков пристап“, рече премиерот.

Тој посочи дека коалициските партнери имаат свои приоритети во одредени области и оти токму поради тоа ќе има промени во распределбата на ресорите. Според него, сè уште не е одлучено дали реконструкцијата ќе опфати една третина од владините позиции или бројот на промени ќе биде поголем.

Мицкоски не откри конкретни имиња ниту ресори кои ќе бидат предмет на промени, нагласувајќи дека станува збор за политички одлуки кои најпрво треба да бидат донесени на партиско ниво.

„Најпрво треба да помине седницата на Извршниот комитет, а потоа ќе ги соопштиме имињата и ресорите. Во суштина, станува збор за промена на портфолијата и усогласување со новите приоритети на владините партнери“, изјави тој.

Осврнувајќи се на двегодишниот мандат на Владата, премиерот оцени дека состојбата во државата денес е значително подобра во споредба со онаа што ја затекнале при преземањето на власта.

„Знаевме дека состојбата е тешка, но она што го затекнавме беше многу полошо од очекуваното. Ако некој почнувал од нула, ние почнавме од длабок минус. Денес можам да кажам дека институциите се консолидирани и подготвени за побрзо движење напред“, истакна Мицкоски.

Тој изрази уверување дека реконструираниот владин состав ќе добие поддршка во Собранието и успешно ќе го реализира мандатот, со фокус на исполнување на обврските преземени пред граѓаните.

Read Previous

Муцунски: Две години активна дипломатија, посилни партнерства и конкретни придобивки за граѓаните

Read Next

Наскоро се отвора мега паркот во Бутел, изградбата е во завршна фаза