Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Сараево се сретна со шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ.
На средбата, според соопштението на македонското МНР, потврдени се одличните билатерални односи, континуираната соработка и редовниот политички дијалог меѓу двете земји, без отворени прашања.
„Одржуваме редовен и содржаен политички дијалог на сите нивоа и немаме отворени билатерални прашања“, истакна Муцунски, оценувајќи дека тоа претставува редок и позитивен пример во регионот.
Разговорите се однесуваа на регионалните состојби, европската интеграција и проширувањето на Европската Унија, кое беше посочено како стратегиски интерес и за Западен Балкан и за самата Европска Унија (ЕУ).
„Нашите две држави ги поврзуваат заеднички стратегиски цели, пред сè европската перспектива на регионот, како и определбата за мир, стабилност и безбедност“, нагласи Муцунски.
Во фокусот беше и економската соработка, при што беше истакната потребата од почести бизнис-форуми, подобра транспортна поврзаност и повторно воспоставување на директната авионска линија Скопје – Сараево.
Муцунски порача дека и покрај добрите политички односи, постои значителен простор за унапредување на економските врски меѓу двете земји.
Разменети се и ставови за безбедносните предизвици во регионот, при што нагласена е поддршката за суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина.
„Цврсто стоиме зад суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина. Почитувањето на државните симболи и меѓународно признатиот субјективитет на БиХ останува наш принципиелен и конзистентен став“, истакна министерот Муцунски.
Тој додаде дека Северна Македонија ги поддржува евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, како и улогата на меѓународните мисии во зачувување на стабилноста во земјата.
Двајцата министри ја потврдија подготвеноста за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог, економската соработка и партнерството меѓу двете земји.
