Граѓаните на Косово излегуваат на предвремени парламентарни избори на 7 јуни 2026 година, само неколку месеци по претходното гласање, во атмосфера на продлабочена политичка криза и застој во работата на институциите.
Изборите се одржуваат по неуспешните обиди за постигнување политички консензус за нов претседател, што ја одведе земјата повторно на гласање.
Ова се 11. избори на национално ниво организирани од Централната изборна комисија (ЦИК) од повоениот период.
Од 11 избори од 2001 година, кога беа одржани првите парламентарни избори на повоено Косово, само во четири наврати тие беа редовни, додека седум пати беа одржани предвремени избори.
Овие избори, кои буџетот на Косово го чинат повеќе од 10,8 милиони евра, доаѓаат по повеќемесечен политички застој.
Застојот настана како резултат на недостигот на широк парламентарен политички консензус за гласање за нов претседател, чиј мандат истече на 4 април оваа година.
Поранешната претседателка Вјоса Османи, која беше избрана за претседателка во април 2021 година, по победата на Албин Курти и нивната политичка соработка, инаку шести претседател на Косово, изрази намера за втор мандат како претседателка, но спорот со Курти и недостигот на поддршка од најголемата партија, Движењето „Самоопределување“, и опозицијата, го оневозможија нејзиниот реизбор, со образложение дека не би ги обезбедила потребните 80 гласа во Собранието.
Движењето „Самоопределување“ предложи неколку имиња од граѓанскиот сектор како претседателски кандидати, но не доби поддршка од опозициските пратеници за својата номинација, а 67-те гласа на владејачката партија не беа доволни да се реши ова прашање, што според Уставот, автоматски ја доведе земјата до нови избори.
На 4 април 2026 година, Османи ѝ ја предаде должноста на претседателката на Собранието на Косово, Албулена Хаџиу, која, според Уставот, ја извршува функцијата претседателка до назначувањето на новиот шеф на државата.
Движењето „Самоопределување“, партија предводена од актуелниот премиер Албин Курти, на овие избори, како што наведоа, има за цел да постигне историски максимум на гласови, односно 80 проценти, за гласање за нов претседател.
Втората најголема партија на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК), има за цел да ја преземе централната власт за да ја води земјата и да ја решава економската и социјалната криза, нагласувајќи го економскиот развој и поддршката за локалните производители.
Поранешната претседателка Османи повторно се обедини со својата стара партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), со цел победа на овие избори, на позицијата претседателка, додека лидерот на оваа партија Лумир Абдиџику се стреми кон позицијата премиер.
Право на глас на овие избори имаат 2.092.174 гласачи, што е за 15.884 гласачи повеќе отколку на предвремените избори за Собранието кои се одржаа на 28 декември 2025 година.
Изборниот процес во земјата ќе се одржи во 949 гласачки центри, со вкупно 2.550 гласачки места, од кои 911 центри со 2.498 гласачки места за редовно гласање и 38 центри, по еден за секоја општина, со 52 гласачки места за овозможување условно гласање.
Во меѓувреме, изборниот процес во странство, покрај гласањето по пошта, ќе биде организиран во 30 дипломатски претставништва, од кои 17 амбасади и 13 конзулати, со вкупно 47 гласачки места, каде што физичкото гласање во овие претставништва ќе се одржи на 6 јуни 2026 година.

