May 22, 2026

Трагедија на скопската обиколница – четири лица загинаа во страотен судир меѓу возило и камион

Страшна сообраќајна несреќа на скопската обиколница доцна синоќа заврши со четири жртви, откако камион со косовски регистарски таблички преминал во спротивниот правец и се судрил со патничко возило. По ударот, двете возила биле зафатени од пожар.

Несреќата, како што информираат од МВР, била пријавена околу 23 часот и се случила на делницата помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци, во близина на Радишани.

Според првичните информации, 76-годишниот Б.Б. од Косово, управувајќи камион „МАН“ со полуприколка, изгубил контрола над возилото, ја пробил заштитната ограда и навлегол во спротивната лента. Таму директно се судрил со автомобил „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, зад чиј волан бил 51-годишниот Р.В. од Скопје.

Од силиниот судир избувнал пожар, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле.

На местото на несреќата загинале возачот на автомобилот Р.В., како и сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје. Животот го загубило и уште едно лице, чиј идентитет засега не е утврден.

Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт кај четирите лица, а по наредба на јавен обвинител телата биле предадени на обдукција.

Возачот на товарното возило е приведен и задржан во полициска станица, додека надлежните институции продолжуваат со истрагата. Од полицијата најавуваат дека по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Поради увидот, сообраќајот на овој дел од обиколницата бил во прекин повеќе од шест часа, а возилата биле пренасочувани по алтернативни патишта. Сообраќајот бил нормализиран утрово околу 5 часот.

Read Previous

Македонија ја доби траншата од 65,7 милиони евра од ЕУ